Патент е право од индустриска сопственост со кое се штити пронајдок. Дали вакви права можат да се дадат за математички формули кои би се третирале како пронајдоци и се од значење за науката и човештвото?

Математички Платонизам

Има два спротиставени епитети кои може да се доделат на математичката формула која би била кандидат за патент – дали таа е откриена или измислена? Ако и ја доделиме првата карактеристика, математиката се занимава со откривање на универзумот онаков каков што е создаден и нејзина задача е да ги истражува и опишува појавите кои и онака постојат. Според другото гледиште, таа е производ на човековата мисла. Ова двоумење помеѓу Платонистичкото и не-Платонистичкото гледиште е во основата на расудувањето дали една математичка формула е „доволно нова“ и „доволно измислена“ од некој математичар за да биде заштитена со патент.

Што значи еден пронајдок да биде заштитен со патент?

Со патент се штити пронајдок во сите области на технологијата, ако е нов, ако содржи инвентивен придонес и ако може да се применува во индустријата.[1] Патентот сам по себе не му дава право на пронаоѓачот да го репродуцира и продава производот, туку го заштитува пронајдокот од правење, користење, продажба или увезување на пронајдокот од страна на други лица. Патентот престанува да важи по истекот на 20 години, со неплаќање на годишните такси за одржување на правото, со повлекување или ако Заводот го поништи решението за признавање на правото на патент.[2]

Одговор

Математичките формули не може да се патентираат бидејќи се сметаат за апстрактни идеи.

Согласно правилникот за патенти во нашата држава стои дека:

Откритијата, научните теории и математичките методи, естетските творби, плановите, правилата и постапките за вршење интелектуална дејност, за игри или за вршење на деловни или бизнис активности, како и компјутерските програми, прикажувањето на информации не се сметаат за пронајдоци освен ако пријавата на патент не се однесува на некој од тие предмети, сам по себе.

Факт е дека математичките формули се наоѓаат како составен и есенцијален дел од други патенти, посебно кога станува збор за патентирање софтвер. Секој софтвер користи математички алгоритам, но математичкиот алгоритам не може да се патентира ако се извршува со пенкало и лист?[3] Во својата публикација Platonism Is the Law of the Land, професорот David A. Edwards напоменува дека математичките концепти треба да бидат патентибилни затоа што „не постои економска причина зошто се разделува она што е откриено од тоа што е измислено“. Неспорно е интелектулното достигнување и во теоријата и во примената на математиката, па можеби во иднина и правилниците за патенти ќе го разгледуваат апстрактниот модел независно од неговата конкретизација.

Gordana

Author Gordana

More posts by Gordana