Правото на странците да стекнуваат право на сопственост во Република Македонија пред се е  утврдено со Уставот, каде е прецизирано дека странско лице може да стекне право на сопственост под услови утврдени со закон. Понатаму, ова право на странците е уредено со Законот за сопственост и други стварни права.

Правото на стекнување сопственост врз движни ствари е општо право односно не подлежи на исполнување дополнителни услови. Странците можат да стекнат сопственост врз движна ствар без било какви законски ограничувања.

Во однос пак на стекнувањето сопственост врз недвижности, постојат повеќе ситуации кои може да се јават. Во зависност од околностите под кои би дошло до стекнување сопственост, Законот предвидува различни решенија.

Право на странците да стекнуваат сопственост врз недвижности преку наследување

Законот прави дистинкција помеѓу две категории на странски лица, странски физички лица кои се државјани на државите членки на ЕУ и ОЕЦД и странски лица кои не се државјани на овие држави. Така, странско лице државјанин на ЕУ и ОЕЦД може да стекне право на сопственост врз недвижна ствар по пат на наследување под идентични услови како и државјанин на Република Македонија. Државјаните на земји кои не се членки на ЕУ и ОЕЦД може да стекнат право на сопственост врз недвижен имот по пат на наследување под услови на реципроцитет како и државјаните на Република Македонија, освен ако тоа прашање не е поинаку уредено со меѓународен договор.

Странски правни лица можат да наследуваат исклучиво врз основа на тестамент, доколку е исполнет условот за реципроцитет.

Право на странците да стекнуваат сопственост на стан, станбена зграда или деловен простор

Законот за сопственост и други стварни права прави поделба на категориите странци и кај правните дела inter vivos. Кога станува збор за стекнување сопственост врз стан, станбена зграда или деловен простор, Законот предвидува дека странците кои се резиденти на државите членки на ЕУ и ОЕЦД можат да стекнат право на сопственост под исти услови како и домашните државјани. За резидентите на други земји, стекнувањето сопственост е условено со постоење на реципроцитет.

Право на странците да стекнуваат сопственост врз градежно земјиште

Поделбата на странците на резиденти на ЕУ и ОЕЦД и резиденти на други држави е релевантна и кај стекнувањето сопственост врз градежно земјиште. Повторно, резидентите на ЕУ и ОЕЦД држави можат да стекнуваат сопственост врз градежно земјиште под исти услови како и домашните лица, додека пак оние кои се резиденти на други држави се условени со постоење на реципроцитет.

Право на странците да стекнуваат сопственост врз земјоделско земјиште

Ситуацијата е поинаква кога станува збор за земјоделско земјиште. Имено, според Законот странците не можат да стекнат право на сопственост врз земјоделско земјиште. Единствена опција која ја имаат на располагање е да стекнат право на долготраен закуп. Така, според Законот, странски физички и правни лица можат под услови на реципроцитет да стекнуваат право на долготраен закуп на земјоделско земјиште на територијата на Република Македонија, врз основа на согласност од министерот за правда, по претходно прибавено мислење на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и министерот за финансии.

Може да се заклучи дека во Република Македонија стекнувањето сопственост е мошне едноставно за резидентите на ЕУ и ОЕЦД, додека пак за резидентите на други држави правото на сопственост може воопшто да не биде достапно. Поради заштита на своите интереси Република Македонија го прави невозможно стекнувањето право на сопственост врз земјоделско земјиште за сите странци без оглед на земјата каде се резиденти/државјани.

За понатамошно читање Ви препорачуваме „Постапка за вработување странци“.

Aleksov

Author Aleksov

More posts by Aleksov