Legal tech – тренд кој покрива дупки на пазарот

Поим и дефиниција

Legal Tech се однесува на аплицирање на технологија и софтвер кај адвокати и адвокатски друштва со цел да им помогнат во практикувањето на правото, менаџментот и управувањето, архивирањето на документи, истражување, сметководство и др.
Од 2011 година оваа гранка од технологијата во светот еволуираше во појавата на поголем број на стартапи, кои освен што нудат B2B (кон адвокати и адвокатски друштва) услуги, изнаоѓаат решенија кои ги нудат директно на останатите компании или физички лица, кои покриваат определена дупка во пазарот.
Се создаваат онлајн – софтвери преку кои луѓето полесно се поврзуваат со адвокатите, а во некои случаи, за определени проблеми во определени аспекти и ја редуцираат или целосно исклучуваат потребата од адвокат. Во САД и во ЕУ е забележана значителна појава на зголемен број на стартапи од оваа област, кои што доживуваат голем раст и развој. Оваа гранка од технологијата полека станува “the next big thing”.

Во рамките на едукацијата се развиваат посебни програми кои се наоѓаат на пресекот помеѓу правото, технологија и иновацијата, пресек помеѓу адвокати и претприемачи.

Legal tech – области во кои се развиваат продукти

Е-истражување: oваа област се однесува на истражување на електронски податоци поврзани со судска пракса, (пресуди, решенија) закони, подзаконски акти итн. Стартапите кои развиваат продукти во овие области, градат дигитални алатки за да им го олеснат процесот на истражување на адвокатите.

Софтвер за менаџирање: стартапите развиваат продукти, алатки кои олеснуваат пресметување на тарифите, времето поминато за да се сработи определена работа, како и менаџирање на договорите поврзани со адвокатски услуги.

Податоци и анализа: се развиваат продукти кои олеснуваат анализа на обемни договори и правни ревизии.

Архивирање и складирање: Канцелариите кои имаат голем обем на предмети и податоци и имаат проблеми со пребарувањето низ документите во определени предмети, се решаваат со онлајн софтвери кои ги архивираат и складираат предметите и овозможуваат лесно пребарување.

Автоматизација на теркови: определени договори, барања или поднесоци се автоматизираат преку правење на софтвер кои генерира терк, при што се штеди на непотребно губење на време.

Се појавуваат стартапи и во други области кои имаат за цел најмногу да ги автоматизираат процесите и постапките таму каде што тоа е изводливо. Односно, преку апликации и софтвер голем дел од формалните постапки и документи, кај кои се јавува определен патерн се поедноставени за да бидат разбирливи за сите.

Примери на legal – tech стартапи

Notarize – Онлајн платформа која Ви овозможува преку компјутер или мобилен да се поврзете со надлежен Нотар и да направите заверка на потпис на Вашиот документ, од дома.

Legal Sifter – Ви овозможува полесно да ги разберете договорите, да ги сумирате, сортирате и полесно да пребарувате низ нив.

Rocket Lawyer – Со најмногу собрани финансии во САД ($54,3M), Rocket Lawyer овозможува да креирате најразлични видови на договори (и останати видови документи), за истите да добиете проверка од страна на адвокат, да добиете правни совети итн.

ViewABill – Тарифите на адвокатите, одработени саати и фактурирање за определени адвокатски услуги собрани на транспарентна и интерактивна веб-платформа.

ТМТКО – Овозможува пребарување низ трговски марки, споредба, анализа и процент на сличност, проценка и подготовка за приговори на објавени трговски марки.

Legal tech во Р. Македонија

Во моментов кај нас оваа област може да се каже дека е ниту во зачеток. Постојат неколку компании кои имаат продукти – софтвер на менџирање или онлајн складирање и архивирање на податоци, кои што се нудат на адвокати и адвокатски друштва, меѓутоа имаат слаб feedback од пазарот. Односно, овие продукти не се масовно прифатени и користени.
Она на што треба да се внимава при развивање на ваков продукт е да не биде во конфликт со Кривичниот Законик и одредбата за надриписарство за што се предвидува парична казна или казна затвор до една година, а доколку тоа го развиваат адвокати, да не биде окарактеризирано како нелојална конкуренција.

Меѓутоа постои голем простор во кои можат да се развиваат продукти на стартапи кои нема да подлежат на ниту едно од горенаведените ограничувања и нема да бидат нивни пречки и ќе ги потполнат дупките на пазарот и кај нас.