Правото и технологијата

NOTARIZE – онлајн нотарски услуги

Notarize е електронска нотарска платформа и софтверски сервис кој им дозволува на физичките и правните лица да го завршат целиот процес на нотаризирање преку интернетот. Таа е всушност и првата платформа од ваков тип која се појавува за првпат во САД, поточно во сојузната држава Вирџинија и претставува генијален спој на правото и технологијата.

Појава на онлајн нотарски услуги

Во 2011 година Вирџинија е првата држава во САД која им дозволи на нотарите од Вирџинија да ги услужуваат своите клиенти преку интернетот без разлика на нивната местоположба во границите на САД. Овие е-нотарски услуги се прифатени низ целата земја согласно „Full Faith and Credit Clause“ од член 4 став 1 од Уставот на Соединетите Американски Држави.

„Full Faith and Credit shall be given in each State to the public Acts, Records, and judicial Proceedings of every other State. And the Congress may by general Laws prescribe the Manner in which such Acts, Records and Proceedings shall be proved and the Effect thereof.

-Article IV Section 1 of the US Constitution“

Претходново всушност им наложува на сојузните држави да ги прифатат нотаризираните документи без разлика на нивното потекло, се разбира сè додека нотарот и клиентот имаат живеалиште на територија на САД.

Процес на заверка на потписи преку платформата

Notarize функционира на начин преку кој заинтересираното лице кое има потреба од нотарски услуги се регистрира на интернет страницата на Notarize или на нивната апликација користејќи го својот компјутер со камера или мобилниот телефон. Корисникот потоа одговара на серија на прашања кои само тоа лице може да ги одговори, односно се генерира заштита за корисникот. Откако ќе се утврди идентитет на лицето се пристапува кон додатна автентификација со користење на личната карта на клиентот. Со завршување на овој процес корисникот се поврзува со нотар со јавување во живо со аудио и видео врска.

Слика од веб страницата на Notarize - спој на правото и технологијата

Нотарот од своја страна го утврдува идентитетот на лицето преку скенирата лична карта и сведочи на потпишувањето на документот преку интернет. Кога ќе заврши целиот процес на корисникот му се доставуваат инструкции за да може да пристапи до документот кој му е потребен и ја има целата слобода да го прати или поднесе електронски на кого сака.

Целиот процес трае неколку минути и драстично ги намалува проблемите кои ги имаат клиентите што се соочуваат со традиционалната нотарска дејност. Со помош на технологијата целиот процес на нотаризирање на документи, чекањето кај нотарот, одењето до одредена физичка локација се скратува на неколку минути и клиентот може да ја заврши целата процедура од удобноста на својот дом или својата канцеларија. Од друга страна за нотарите кои ги користат услугите на оваа апликација придобивките се исто така големи. Тие намалувајќи го чекањето и зголемувајќи ја ефикасноста на целата процедура генерираат задоволство од страна на нивните клиенти и можат да услужат повеќе клиенти отколку порано.

Моментално Notarize достапна само за американските граѓани за домашни цели односно не е можно да се нотаризира документ чија употреба е наменета надвор од територијата на САД, но тимот позади апликацијата се обидува да ја сруши и оваа бариера и соработува со државниот секретар на Вирџија со цел да се помине и оваа препрека.

И што всушност значи ова за македонските услови и за правото и технологијата кај нас?

Се разбира дека противниците на овој влез на технологијата во нотарската дејност, ќе се обидат да го побијат со аргументите на големото територијално пространство на САД наспроти скромната домашна територија и како логичен заклучок од тоа ќе го извадат аргументот дека ваквиот спој на технологијата и правото не само што не е потребен кај нас туку и е тотално неразумен и неспроведлив во практика. Но факт е дека традиционалната конзервативност на правото и правничката професија е ставена пред историски тест. Оние кои одбиваат да се прилагодат на новите прилики се осудени да заостанат позади оние најспособни за промена.

Можеби највистинита во овој случај би била аналогијата на стоиците од Античка Грција за кучето и кочијата која гласи: „Кога кучето е врзано за кочијата, ако сака да ја следи ќе оди позади неа, но ако не сака да ја следи тоа без разлика ќе биде влечено и натерано да се движи позади неа.“ Во нашиот случај оние кои се противат на спојот на технологијата и правото без разлика дали сакале или не ќе бидат приморани да ги прифатат придобивките од таквиот спој.

 

„Notarize – онлајн нотарски услуги“ претставува прва објава од ваков тип во новата рубрика насловена Legal Tech. Се надеваме дека во иднина оваа рубрика ќе прерасне во вистинско задоволство за сите љубители на правото и технологијата и дека ќе Ве инспирира да создадете свој впечатлив спој на правото и технологијата во нашето општество.

 

 

Leave a Reply